Атлетско стапало е габична болест на стапалото. Симптомите може да варираат од благо пецкање и чешање до сериозно воспаление. Медицинското име е Tinea pedis. Причините можат да бидат разни габички, микроорганизми и мувли. Инфекцијата може да биде придружена со силен, непријатен мирис кој е последица на габичната активност.

Атлетското стапало има три облици на манифестација. Најчесто го зафаќа просторот помеѓу прстите во форма на рани кои пукаат, крварат и се постојано влажни. Може да го зафати и целото стапало. Вклучително и бочните страни на стапалата, а кожата е црвена, распукана и задебелена. Во некои случаи, инфекцијата може да се групира во средината на стапалото, каде се појавуваат меурчиња што пукаат, а потоа се лупат.

Атлетското стапало не ги погодува само спортистите

Името атлетско стапало е симболично. Бидејќи инфекцијата често се јавувала кај луѓе кои биле активно вклучени во спортот и поминале долго време во патики. Имено, атлетичарите порано носеле спринтерски патики изработени од груба кожа која цврсто го држела стапалото. И го заштитувала од повреди, но од друга страна не и дозволувала на кожата на стапалото да дише. Поради силното триење и потење, кожата била подложна на оштетување и како таква била погодно тло за развој на инфекции. Сега, спортските обувки се изработени од квалитетни материјали што овозможуваат поминување на воздухот, но болеста е сè уште многу присутна, не само кај спортистите, туку кај сите луѓе. Фактот дека секоја личност имала некаква форма на атлетско стапало барем еднаш во животот зборува за високата распространетост на оваа габична болест. Може да се појави и кај деца, жени кои носат потпетици секој ден, постари лица и дијабетичари.

Кај мали деца, тоа најчесто се јавува помеѓу прстите. Децата имаат месести прсти на нозете кои често се потат, што е одлична средина за габите и бактериите. Исто така, кај жени кои носат потпетици, прстите се притискаат еден до друг, се тријат и се навлажнуваат. Кај постарите луѓе, причината за честото појавување на атлетско стапало е неможноста да се свиткаат поради болест или старост за да одржуваат правилна хигиена на стапалата. Дијабетичарите особено мора да се грижат навремено да излекуваат било каква форма на габична инфекција на стапалата за да се избегнат компликации.

Дали атлетското стапало е заразно?

Одговорот е ДА. Потенцијално опасни места како извор на инфекција се спортски сали, соблекувални, сауни, базени, јавни бањи, салони за педикир. Всушност, сите затворени простории каде што е влажно и топло, а луѓето одат боси се ризични. Затоа секогаш треба да носите влечки, по можност затворени, и да одржувате темелна хигиена на стапалата по престојот на такви места.

Габички може да се добијат и доколку стапите во контакт со заразено лице, ако користите исти чевли, крпи или постелнина. Инфекцијата може да се прошири и на други делови од телото од стапалата до ноктите, препоните и рацете.

Манифестацијата на инфекцијата е индивидуална. Понекогаш болеста поминува сама по себе без симптоми. Кај некои луѓе, атлетското стапало може да се излечи со зголемена хигиена, кај други болеста поминува по употребата на соодветни креми и мелеми, додека некои луѓе навистина немаат среќа и инфекцијата постојано им се враќа.

 Атлетско стапало – како да се третира?

Тешките форми на атлетско стапало бараат сериозен пристап во третманот. Во комбинација со други габични инфекции, болеста може да биде многу комплицирана. Ако влијае на прстите, препоните и рацете, процесот на заздравување може да биде долг.